ПАКУВАН ЦЕМЕНТ ТИП CEM II/B-M (V-L) 42,5 N

CEM II/B-M (V-L) 42,5 N е портланд цемент со пуцолански додаток во значително поголем процент отколку во CEM II/B-M (V-L) 42,5 R. Минималната количина на клинкер изнесува 65%, додека останатите 35% се летечка пепел (V), природен гипс (за регулација на почетокот на врзување) и до 5% други минорни минерални додатоци. Повисокото учество на минералните додатоци ја подобрува обработливоста и трајноста на бетоните изложени на хемиски влијанија. Топлината ослободена при хидратацијата уште повеќе се намалува. Напоменуваме дека овој цемент е „N“ класа, што означува дека брзината на развојот на цврстината (раните цврстини на 2 дена) е помала во споредба со оние од класата „R“.

Апликација на производот

Бидејќи карактеристичната цврстина е блиску до онаа на цементот CEM II/A-V 42,5 R, и овој цемент може да се користи за слични конструкции. Има предност пред CEM II/A-V 42,5 R при изведба на темелни конструкции (или други елементи) поставени во агресивни почви и средини. Од друга страна, поради пониската температура на хидратација се препорачува да не се користи при ниски температури (амбиентална температура пониска од 0°C) особено за бетонирање на елементи со мали пресеци. Има стандардна примена за класи на бетон со цврстина до C 35/45.

Изјава за својства и CE-означување

Нашите цементи се во согласност со МКС EN 197-1 хармонизиран европски стандард и подлежат на процедури за оцена и потврда на својствата од трета страна (овластено тело на ЕУ според Систем 1+ за проценка и верификација на постојаност на перформанси).
Декларацијата за перформанси за клучните атрибути на производот и СЕ-ознака може да се најде тука.

CE-ознаката се става на пакувањето и/или на документите за испраќање во согласност со Регулативата за градежни производи.

Здравје и безбедност

Контактот со влажен цемент, влажен бетон, може да предизвика иритација, дерматитис или сериозни алкални изгореници. Контактот на цементна прашина со телесни течности (на пример, пот и влага на очите) може да предизвика иритација, дерматитис или изгореници. Тоа подразбира сериозен ризик од оштетување на очите. Носете соодветна, непропустлива заштитна облека, ракавици и заштита на очите/лицето. Во случај на контакт со очите, веднаш исплакнете со многу чиста вода и побарајте лекарска помош. По контакт со кожа, веднаш исплакнете со многу чиста вода. Се чува вон дофат на деца. Содржи хром (VI). Како дополнителна заштита се врши редукција на хромот со оксидациска состојба VI, чијашто концентрација не смее да биде поголема од 2ppm во пакуван цемент. Може да предизвика алергиски реакции, чиј ризик е поголем доколку цементот се користи надвор од датумот на употреба, наведен на пакувањето и во документите за испраќање.