РЕФУС ЦЕМЕНТ ТИП CEM II/A-V 42,5 R

CEM II/A-V 42,5 R е портланд цемент со додаток на пуцолани (силикатна летечка пепел, V). Се состои од 80%-94% клинкер, 6%-20% висококвалитетна летечка пепел, природен гипс (за регулација на почетокот на врзување) и до 5% други минорни минерални додатоци. Високиот процент на клинкер обезбедува високи јакосни вредности на бетоните, добра обработливост и трајност.

Апликација на производот

Овој цемент има широка примена при изведба на стандардни објекти од секаква намена (инфраструктура, индустрија, домување итн.), како за армирано-бетонски така и за масивни бетонски конструкции. Погоните за производство на готов бетон се најголемите корисници на овој цемент за класи на бетони со цврстина до C 40/50. Избалансираните карактеристики (цврстина, време на врзување, топлина при хидратација) го прават овој цемент применлив за секакви поднебја и класи на агресивна изложеност. Сите класични адитиви за бетон (ретардери, пластификатори и сл.) може да се користат со нашиот CEM II/A-V 42,5 R.

Изјава за својства и CE-означување

Нашите цементи се во согласност со МКС EN 197-1 хармонизиран европски стандард и подлежат на процедури за оцена и потврда на својствата од трета страна (овластено тело на ЕУ според Систем 1+ за проценка и верификација на постојаност на перформанси).
Декларацијата за перформанси за клучните атрибути на производот и СЕ-ознака може да се најде тука.

CE-ознаката се става на пакувањето и на документите за испраќање во согласност со Регулативата за градежни производи.

Здравје и безбедност

Контактот со влажен цемент, влажен бетон, може да предизвика иритација, дерматитис или сериозни алкални изгореници. Контактот на цементна прашина со телесни течности (на пример, пот и влага на очите) може да предизвика иритација, дерматитис или изгореници. Тоа подразбира сериозен ризик од оштетување на очите. Носете соодветна, непропустлива заштитна облека, ракавици и заштита на очите/лицето. Во случај на контакт со очите, веднаш исплакнете со многу чиста вода и побарајте лекарска помош. По контакт со кожа, веднаш исплакнете со многу чиста вода. Се чува вон дофат на деца. Содржи хром (VI). Може да предизвика алергиски реакции, чиј ризик е поголем доколку цементот се користи надвор од датумот на употреба, наведен во документите за испраќање.