Цементарница УСЈЕ одбележа Светски ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, преку организирање на повеќе активности посветени на оваа значајна тема.
Настанот ги обедини сите вработени, како и над 100 изведувачи и гости. Во рамки на програмата, обраќање имаше Валерија Миланова, наш менаџер за безбедност и здравје при работа, која даде преглед на постигнатите резултати и тековните активности во оваа клучна област. Потоа, техничкиот директор, Гоце Цветкоски, ја истакна важноста на безбедноста и здравјето при работа како дел од секојдневното функционирање на компанијата. Главниот извршен директор, Константинос Николаоу, преку јасни и инспиративни поенти ја потенцираше клучната улога на безбедноста во културата и вредностите на УСЈЕ и групацијата ТИТАН.
Програмата вклучи и практични демонстрации и симулации преку кои вработените ги прикажаа основните безбедносни процедури. Настанот заврши со доделување на признанија за најдобри безбедносни практики и иницијативи, а присутните имаа можност за неформално дружење и размена на искуства.
Пред овој настан се одржа посебен ден посветен на децата на вработените, кои преку цртежи ја претставија својата визија за безбедноста и здравјето на работа. Исто така, беше организирано дружење со куглање, со цел да се поттикнат здрави навики и тимски дух меѓу вработените. Одбележувањето ќе продолжи со еднодневна прошетка во природа, како дополнителен придонес кон унапредување на здравиот стил на живот.


