Интегрирана еколошка дозвола

Во март 2020 година Министерството за животна средина и просторно планирање издаде А - Интегрирана еколошка дозвола за Цементарница УСЈЕ. Оваа дозвола е потврда за нашите заложби за заштита на животната средина и обезбедува внатрешна рамка за целокупно понатамошно следење на сите активности во фабриката за цемент од еколошки аспект и намалување на можните влијанија врз сите медиуми на животната средина.

Во текот на постапката за добивање на дозволата, која почна во јуни 2007 година, претставници на ресорното министерство спроведоа неколку инспекции во сите делови од компанијата, при што утврдија дека начинот на работа во Цементарница УСЈЕ ги исполнува барањата за заштита на животната средина и дека честопати внатрешните критериуми и процедури се дури и построги од законски пропишаните правила.

Министерството за животна средина и просторно планирање во 2011 година на Цементарница УСЈЕ ѝ издаде А - Дозвола за усогласување со оперативен план, со која компанијата се обврза да спроведе активности за натамошна заштита и унапредување на животната средина, утврдени со конкретен оперативен план. Реализацијата на планираните активности од оперативниот план на Дозволата беше целосно заокружена, пред крајниот рок во 2013 година со пуштањето во употреба на пречистителна станица за атмосферски и површински отпадни води, што беше прва од ваков вид во земјата. Во 2018 година ресорното министерство почна постапка за транзиција на Дозволата за усогласување со оперативен план што резултираше со конечно издавање на А - Интегрирана еколошка дозвола за Цементарница УСЈЕ во 2020 година.