Климатски промени

Климатските промени се еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото и целата  планета. Зголемувањето на просечната температура на планетата ќе предизвика пораст на нивото на морињата и океаните, обилни дождови во некои области и долготрајна суша во други региони, што ќе има значително негативно влијание врз земјоделството, здравството, биолошката разновидност и снабдувањето со чиста вода.

Глобалното производство на цемент се посочува како еден од поголемите антропогени извори на емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, што пак е еден од причинителите на т.н. ефект на стаклена градина, која се посочува како главен виновник за глобалното затоплување. Затоа, ова прашање се смета за еден од најважните еколошки предизвици во Групацијата ТИТАН, како и во нашата фабрика како дел од неа.

Во согласност со политиките и практиките на Групацијата ТИТАН, во Цементарница УСЈЕ редовно се следат Упатствата за одржливо следење и известување за емисиите на СО2 од производството на цемент објавени од Глобалната асоцијација за цемент и бетон (GCCA). Во согласност со овие Упатствата, пресметката и известувањето за емисии на CO2 и употребена енергија во Цементарница УСЈЕ се вршат на редовна основа и покрај тоа што ова не е обврска од домашното законодавство во оваа област.

Покрај мерки за директно намалување на емисиите на CO2, Цементарница УСЈЕ имплементира технолошки решенија што овозможуваат намалување на енергетските потреби, со што на индиректен начин се придонесува за намалување на емисиите на стакленички гасови. Во изминатите неколку години, во Цементарница УСЈЕ беа спроведени многубројни проекти за подобрување на енергетската ефикасност, какви што се замена и модернизација на внатрешното и надворешното осветлување, изработка на Студија за енергетска ефикасност и спроведување детални енергетски контроли на објектите. За подобрување на енергетската ефикасност придонесе и инсталирањето на уреди за регулација на брзината (VSD) на вентилаторите на печките, оптимизацијата на работните параметри на мелниците, враќањето на вишокот топлина од компресорската станица, како и други мерки што овозможија ефективно намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа на индиректен начин се придонесува за намалувањето на вкупните емисии на стакленички гасови во атмосферата.