200 ученици од општина Кисела Вода се едуцираа за 3Д-печатење во „Иноваториумот“ основан од ТИТАН Усје

28.4.2025

Двесте ученици од седум основни училишта од општина Кисела Вода добија потврди за завршена обука во 3Д-печатење која се спроведе во „Иноваториумот – клуб на напредни знаења и вештини“ основан од ТИТАН Усје. Се работи за целосно опремен центар со компјутери и најнови машини за 3Д-печатење, кои ги користат учениците од основите училишта.

Учениците што денес добија потврди за помината обука, се првата група на ученици кои ја посетуваа наставата во „Иноваториумот“ од почетокот на неговото отворање. Со едукативните активности во „Иноваториумот“ беа опфатени учениците од основните училишта „Рајко Жинзифов“, „Кузман Шапкарев“, „Св. Климент Охридски“, „Невена Георгиева – Дуња“, „Партенија Зографски“, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Круме Кепески“.

Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу при доделувањето на потврдите истакна:

„Градење на напредни генерации кои ќе имаат соодветни технички знаења и вештини, особено во време на засилена дигитализација и примена на вештачка интелигенција, не е обврска само на државата, туку на сите нас. Како одговорна компанија која работи со еднаква  посветеност и на сопствениот развој и на развојот на заедницата, ние го направивме овој проект за на децата од нашето соседство да им дадеме можност за учење на нови вештини кои ќе им помогнат понатаму во животот и ќе им овозможат полесно да одберат своја професија. Навистина сме многу среќни што за толку кратко време поминаа преку 200 ученици низ оваа едукација. Сакам да им честитам за нивната посветеност и да им порачам да не се откажуваат од своите соништа, а воедно ги повикувам учениците и од другите општини да дојдат, да го посетат „Иноваториумот“ и да откријат нов свет“.

Во изминатиот период учениците од овие училишта во „Иноваториумот“ работеа на проекти со кои усвојува нови знаења и вештини во областа на 3Д-печатењето, а едукацијата ја спроведува наставен кадар од Технолошко – металуршкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Главна мисија на „Иноваториумот“ е преку интерактивни и соодветно адаптирани содржини учениците да ги зајакнат своите знаења во СТЕМ науките - математика, технологија, инженерство и техника. „Иноваториумот“ нуди можности за изучување и стекнување нови вештини во повеќе технички области, а содржините ќе се надоградуваат и ќе се менуваат согласно потребите.

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ е лоциран во кругот на ТИТАН  УСЈЕ, а за учениците е обезбеден и автобуски превоз. На почетокот со активностите опфатени се учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини. Покрај тоа, дел од капацитетите на „Иноваториумот“  и научните помагала ќе бидат ставени на располагање на сите наставници по математика, физика и хемија од општинските училишта, со што ќе можат да го користат и во текот на редовната настава.

Покрај претставниците на компанијата кои се вклучени во активностите на „Иноваториумот“, на настанот присуствуваше и Советникот за образование од Кабинетот на Градоначалникот на Општина Кисела Вода.