ТИТАН Усје беше домаќин на работна средба со Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, г. Бранко Азески и членовите на Управниот одбор на Комората, кои ја посетија фабриката и остварија средба со Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, г. Константинос Николаoу и Техничкиот директор г.Гоце Цветкоски.
На средбата беа презентирани работењето на ТИТАН Групацијата, стратешките приоритети на ТИТАН Усје и континуираните инвестиции во модернизација, дигитализација, декарбонизација и унапредување на еколошките перформанси. Претседателот Азески истакна дека посетата се реализира во чувствителен период во кој во јавноста се отворени прашања поврзани со животната средина, нагласувајќи дека до целосна и објективна слика може да се дојде исклучиво преку отворен дијалог, транспарентност и вклучување на сите засегнати страни. Во таа насока, Стопанската комора најави подготвеност да организира стручна конференција на тема индустрија и животна средина, како платформа за аргументирана и фактичка дискусија.
Притоа беше нагласено дека ТИТАН Усје, како долгогодишна членка на Комората и дел од голема меѓународна индустриска групација, работи во целосна согласност со националното и европското законодавство и применува најдобри индустриски и еколошки практики. Компанијата поседува А-интегрирана еколошка дозвола и работи под 24-часовен независен мониторинг на емисиите, со транспарентно објавување на резултатите. Како една од првите компании во земјата, ТИТАН Усје целосно ги имплементира ESG стандардите, со јасни цели во делот на заштитата на животната средина, климатските промени, безбедноста и здравјето при работа и општествената одговорност.
Главниот извршен директор, г. Константинос Николаoу, истакна дека ТИТАН Усје е отворен за стручна и аргументирана јавна дискусија и дека долгорочната цел на Групацијата е постигнување нето нула јаглеродни емисии до 2050 година. Компанијата континуирано инвестира во најсовремени технологии, примена на најдобрите достапни техники, енергетска ефикасност, употреба на алтернативни горива и суровини и развој на производи со понизок јаглероден отпечаток.
Во изминатите шест години, ТИТАН Усје има инвестирано над 36 милиони евра во развој и модернизација, од кои значителен дел се директно насочени кон унапредување на еколошките перформанси и намалување на влијанието врз животната средина. Дигитализацијата, декарбонизацијата и зелената трансформација остануваат клучни стратешки приоритети и во наредниот период.
Во контекст на квалитетот на воздухот во Скопје, беше потенцирано дека и за време на редовните зимски ремонти и целосниот прекин на производството во изминатиот период, состојбата со загадувањето останува непроменета, што укажува на потребата од системски и сеопфатен пристап кон сите извори на емисии, во соработка со институциите и стручната јавност.
По повод 70-годишнината од работењето, Претседателот на Стопанската комора, г. Бранко Азески, му врачи Признание на г. Константинос Николаoу за седум децении успешна и континуирана работа на ТИТАН Усје и придонес кон развојот на индустријата и економијата во Северна Македонија.
ТИТАН Усје останува цврсто посветен на транспарентност, одговорно управување со животната средина, конструктивен дијалог со заедницата и долгорочно одржлив развој, во согласност со највисоките европски и меѓународни стандарди.

