Заштита на животната средина, на биолошката разновидност и на екосистемите, е една од примарните цели на ТИТАН УСЈЕ, која ги применува еколошките стандарди во работењето и создава одржлива иднина. Во таа насока беше и партиципацијата на претставници на компанијата на XVI Експертско советување за подземна и површинска експлоатација и геолошки истражувања на минерални суровини PODEKS – POVEKS 2025, кое неодамна се одржа во Охрид. Настанот собра врвни професори, експерти и инженери од Македонија, Србија, Словенија, Бугарија, Словачка и Косово, кои дискутираа за најновите трендови и предизвици во рударството и геологијата, презентирајќи истражувања и практични искуства за геолошките истражувања, современите техники и технологии за експлоатација на минерални суровини, како и примена на информатички системи и нови методи за добивање и обработка на суровините. Значајно внимание беше посветено и на темите за рекултивација на деградирани површини, безбедност и заштита при работа, како и на интегрирање на принципите на одржлив развој во рударството.
ТИТАН УСЈЕ, како долгогодишен и доверлив партнер на рударската и академската заедница, ги презентираше одржливите практики од своето работење. Компанијата управува со неколку рудници, и во сите нив применува современи еколошки стандарди, посветувајќи се на заштита на животната средина преку рекултивација на ископуваните површини, како и пошумување и обновување на биодиверзитетот, со што придонесува кон одржлива иднина и подобрување на животниот квалитет на локалните заедници. Преку заеднички напори со Факултетот за шумарски науки во Скопје, ТИТАН УСЈЕ е активно ангажирана во промовирање на мерки за биодиверзитет, како и во континуирано спроведување на планови за санација, што резултира со над 440 илјади дрвја и цвеќиња засадени околу фабриката и рудниците.
Конференцијата уште еднаш ја потврди важноста на соработката меѓу науката и индустријата, со заедничка цел развој на рударството и геологијата во насока на иновации, безбедност, одржливост и заштита на животната околина.
