Титан Усје е првата компанија во Северна Македонија која доби сертификат „Zero Waste to Landfill“ – ZWTL Platinum Certificate.
Zero waste to landfill или Нула отпад на депонија е систем со кој се имплементираат низа на механизми за управување со отпадот на начин што ја минимизира количината на отпад што завршува на депонија. Според дадената пирамида на отпад, а во зависност од типот на отпад, субјектите кои сакаат да го имплементираат овој систем може да да применат еден или неколку од следните механизми за справување со отпадот:
• Рециклирање
• Компостирање
• Анаеробна дигестија
• Реупотреба
• Намалување на отпадот
• Термално процесирање
При тоа субјектите може самите да управуваат со отпадот или да имаат склучено договор со лиценцирани компании за превземање и обработка на отпадот, кои пак треба да известуваат за количната на отпад која е рециклирана, реупотребена или на друг начин искористена.
За имплементација на системот е потребно да се изврши детално следење и документирање на текот на материјали кои влегуваат и излегуваат од процесите, како и количината на создаден отпад, типот и начинот на управување со секој тип на отпад. Откако ќе се соберат податоците за количината на генериран отпад и колкав дел е третиран преку некој од горе наведените механизми се врши пресметка на стапката на повратен материјал (отпад кој не завршил на депонија). Доколку стапката на поврат е од 90-94% субјектот може да добие сребрен сертификат, за 95-99% златен и за над 99% платинум сертификат.
Усје со примена на копроцесирање (термално процесирање), рециклирање и реупотреба на генерираниот отпад од фабриката постигнува стапка на поврат на материјал од 99.86% со интерна реупотреба и копроцесирање на отпадот и преку соработка со надворешни компании за рециклирање на останатиот отпад.
Примената на овој систем ја поттикнува имплементацијата на циркуларната економија.
