Прашања и одговори

Што произведува ТИТАН Усје? 

ТИТАН Усје произведува високо квалитетни градежни материјали како цемент, бетон, малтер, агрегати и други градежни производи. Во своето работење компанијата користи најдобри достапни техники. Во нашето работење посветени сме на трите клучни области: обезбедување помали емисии на јаглерод при работењето, дигитализација заради поголема ефикасност и понуда на најсовремени решенија кои ќе донесат придобивки за заедницата во целина.

Како се регулира работата на ТИТАН Усје од аспект на животна средина? 

Производството на високо квалитетни производи е можно само доколку се применуваат најдобри достапни техники во сите аспекти од работењето, кои како највисока цел ја имаат одржливоста во целина. Имено, ТИТАН Усје поседува А-Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно оваа дозвола, УСЈЕ има обврска да врши 24-часовен мониторинг, согласно европските стандарди кои се транспонирани во националното законодавство. За таа цел, на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаме инсталирано систем за мерење од германскиот производител SICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании. Тоа значи дека мерните инструменти се поставени од страна на SICK, и ТИТАН Усје нема никаков пристап до овие инструменти, односно се работи за независен мониторинг. Точноста на овие мерења се потврдува со редовна калибрација на уредите за мерење и повеќекратна проверка и од страна на овластени меѓународни тела. Резултатите од овие континуирани мерења се прикажуваат согласно барањата на соодветниот меѓународен стандард. Според стандардот, овој мониторинг систем е комплетно независен, односно ТИТАН Усје е само корисник - мониторирана инсталација. 

Што покажуваат мерењата? 

Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични  вредности на емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити. На пример, кај вкупната прашина, која во себе ги содржи и PM10 и PM2,5 честичките, најчесто три до пет пати, а кај SO2 и неколку десетици пати пониски од дозволените. Покрај тоа, се прават редовни независни контролни мерења од страна на независни акредитирани лаборатории и овие мерења ги покажуваат истите резултати, односно дека работењето на компанијата се одвива во законски дозволените лимити. Во периодот од 2007 до сега, ниту еднаш не се надминати граничните вредности на емисии од оџаците. Тоа е резултат на посветеноста и инвестициите во нови технологии кои ТИТАН Усје ги имплементира уште пред истите да станат законска обврска. Најголема потврда дека ТИТАН Усје не е причина за лошиот квалитет на амбиенталниот воздух е фактот што и кога компанијата не работи, односно кога се прави редовен ремонт, најчесто во декември или јануари, загадувањето е високо, односно се појавува во својот вообичаен ритам, кој е независен од тоа дали производството во ТИТАН Ујсе работи или не. Од друга страна во текот на летото кога компанијата работи со најголем капацитет, поради зголемените потреби на градежната индустрија, нема загадување на воздухот. Од друга страна сите независни студии укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот, споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.

Дали контролите од страна на надлежните институции се најавени? 

Државниот инспекторат за животна средина е надлежно тело за контрола на работењето на инсталации кои имаат А - Интегрирана еколошка дозвола. Мерните инструменти работат континуирано и конзистентно и, независно од тоа дали се работи за најавена и ненајавена контрола, не е можно да се влијае на работењето, ниту на емисиите. Процесот на работење тоа не го дозволува, така што која било контрола, најавена или не најавена, го покажува истото.

Дали е можно фабриката да работи без да работат филтрите?

ТИТАН Усје е современ индустриски капацитет со високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите. Оттука не е возможно филтрите да не работат додека работи фабриката.

Дали сте подготвени да дозволите инсталирање на такви независни станици за мониторинг во и околу фабриката, и ако не, зошто? 

Општо познато е дека квалитетот на амбиентниот воздух зависи од повеќе фактори како:

  • Метеоролошките услови (висока влажност на воздухот, ниска температура, природно струење на воздухот, температурна инверзија) т.е. услови за појава на магла и
  • Од антропогените активности, каде повеќе студии, преку анализа на хемискиот состав на депозитот од воздухот, покажуваат дека најголемо влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух имаат: начинот на затоплување на објектите, сообраќајот и горењето на отворено, а индустријата има помало влијание од нив.

Следствено на тоа, евентуалното поставување на мерни станици за амбиентен воздух околу и во дворот на ТИТАН Усје нема да го даде одговорот на влијанието на ТИТАН Усје врз квалитетот на амбиентниот воздух. Резултатите од таквите мерења повторно ќе бидат збир од повеќе фактори и различни влијанија наведени погоре. Направените мерења нема да се однесуваат само на ТИТАН Усје, туку и во дворот на компанијата ќе се мери и влијанието од општата состојба на воздухот во пошироката околина на постројката, малите стопански објекти, блиските сообраќајници и т.н. Едноставно, воздухот во кругот на компанијата не може да се апстрахира, ниту да се оценува одделно од состојбата на амбиенталниот воздух во поблиската и пошироката околина.

Поставувањето на мерни станици за мониторинг на квалитет на амбиентниот воздух во агломерации, како што е Град Скопје, е одговорност на Министерството за животна средина и просторно планирање и истото се спроведува во склад со меѓународни стандарди транспонирани во нашето законодавство. Тука се подразбира дека при вакви мерења, се користат калибрирани уреди со висока точност за мерење и меѓу другото треба да се запазени научно втемелени критериуми како оддалеченост од сообраќајници, растојание помеѓу директни емитери (оџаци), учество на други емитери, предоминантен правец на ветер и слично.

Влијанието на ТИТАН Усје врз амбиентниот воздух и дали истото влијание е во рамки на дозволеното,  може да се утврди единствено преку системот за мониторинг поставен на оџаците на ТИТАН Усје.

Дали користите отпад во производството како гориво? 

Во своето работење ТИТАН Усје ги применува најсовремените практики, вклучувајќи и диверзификација на изворите на енергија, во насока на поголема декарбонизација. Во процесот на производство компанијата користи различни енергенси, меѓу кои и обновливи извори на енергија, а ТИТАН Усје е првата компанија во нашата земја која инсталираше постројка за користење на алтернативни горива добиени од неопасни фракции на отпад.

За зајакнување на енергетската диверзификација компанија инвестираше и во фотоволтаична електрана со капацитет од 3 MWp, која покрива околу 10% од дневните потреби за електрична енергија на фабриката. Тоа е јасен показател за ваквите  заложби на ТИТАН Усје. Паралелно, компанијата продолжува да развива и да нуди високо-перформансни и поеколошки производи кои одговараат на растечките потреби на пазарот и општеството.

Користењето преработки од отпад како алтернативно гориво во цементната индустрија е светски потврдена пракса коjа се применува повеќе од 50 години во ЕУ и САД. Во моментот над 40% од енергенсите што се користат во цементната индустрија во ЕУ доаѓаат од алтернативни горива кои потекнуваат од отпад. Имено, печките во цементната индустрија работат на температура од над  1500 C°, при што има целосно согорување и овој процес е целосно безбеден за животната и работната средина и за пошироката заедница. Државите на ЕУ ја охрабруваат цементната индустрија и постројките кои имаат воведено слична безбедна технологија да го користат ова гориво, затоа што од неговото користење има двојна корист – од една страна, емисиите се пониски во споредба со класичните горива, а од друга страна се придонесува кон решавање на огоромниот проблем на депонирањето на отпадот, кој има сериозно и долгорочно штетно влијание врз животната средина. ТИТАН Усје од 2013 година има дозвола за користење на алтернативни горива, а оваа дозвола се однесува на користење на неопасни фракции од отпад, како што се лушпи од ориз, кафе, текстил, хартија, картон и композитни материјали. ТИТАН Усје е единствена компанија која инвестирала во технологија која може како гориво безопасно да користи оризова арпа, ткаенини и друго. Истите сега се спалуваат по полињата во државата или непрописно се депонираат. Користењето на овие алтернативни горива во моментот е околу 5% од вкупната количина на енергенси кои се користат во компанијата.

Што правите за намалување на влијанието врз животната средина? 

ТИТАН Усје во континуитет инвестира во унапредување на своето работење и во намалувањето на влијанието врз животната средина. Компанијата е меѓу првите во земјата што целосно ги имплементира ЕСГ стандардите, што ги одразува нејзините амбициозни цели во однос на еколошките перформанси, општествениот придонес и корпоративното управување. Клучни столбови во ЕСГ рамката се декарбонизацијата, дигитализацијата, позитивното локално влијание и одговорното управување со ресурсите. Постигнувањето на овие цели значи работење според построги стандарди од законски пропишаните. Во подобрување на технолошките процеси компанијата во континуитет инвестира во модернизација и имплементирање на иновации, вештачка интелигенција и дигитални алатки. Во изминатите 15 години инвестициите надминаа 29 милиони евра за обезбедување одржливо производство и врвни еколошки перформанси.