Вработените на Цементарница УСЈЕ АД Скопје започнаа акција „На работа без автомобил“

25.3.2015

Вработените на Цементарница УСЈЕ АД Скопје од среда, 25 март, започна акција „На работа без автомобили“. За да стигнат до своите работни места, вработените на УСЈЕ ќе користат јавен превоз, велосипед или, оние кои живеат во близина на компанијата ќе доаѓаат секоја среда пеш на работа. Вработените кои ќе дојдат на работа со автомобил доброволно ќе донираат 150 денари, а средствата што ќе бидат собрани, ќе ѝ бидат донирани на Детската болница за респираторни болести – Козле. Преку оваа активност менаџментот на компанијата и вработените сакаат преку личен пример и ангажман да ја потврдат својата јасна определба за заштита на животната средина и да ги промовираат принципите за здрав начин на живот.

„Во изминативе неколку години активно работевме на инвестиции во нашата компанија кои овозможуваат еден заокружен процес кој е во целосен склад со околината. Нашите искрени заложби и сериозни инвестиции ги потврдија сите релевантни институции, а Интегрираната еколошка А дозвола е само дополнителен прилог кон оваа наша заложба. Но, одејќи чекор понатаму,ние како граѓани на Скопје сме свесни дека сообраќајот е еден од клучните фактори за околината и токму затоа преку оваа наша симболична акција, сакаме да дадеме пример и да ги поттикнеме и другите да се приклучат кон оваа акција“, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Според податоците, илјадници жители на Европа страдаат од зависност од своите автомобили и одбиваат да пешачат, дури и на кратки растојанија. Таквата навика негативно влијание врз здравјето на човекот и врз неговата околина, а негативно се одразува и на економската состојба. Токму затоа, идејата на оваа акција е да се создаде навика да не се користат а втомобилите тогаш кога тоа не е неопходно.

Цементарница УСЈЕ повика и други институции, компании и здруженија да се приклучат кон овој вид активизам и со свој личен пример и ангажман да придонесат кон омасовување на оваа акција за промена на свеста и навиките.