Знаење и практично искуство за идните инженери

20.6.2026

ТИТАН Усје организираше техничка студиска посета за 28 студенти и професори од Градежниот факултет при УКИМ, со цел поврзување на академското знаење со практичното искуство во индустријата.

Заедно со главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Костас Николау, и претставници од тимовите за готов бетон, продажба и корпоративна општествена одговорност, учесниците ги посетија ТИТАН Ефкарпија и ИНТЕРБЕТОН во Грција.

Студентите се запознаа со производствените процеси, одржливоста и иновациите во цементната индустрија, како и со производството на готов бетон за проектот „Thessaloniki Flyover“. Посетата продолжи на градилиштето на овој значаен инфраструктурен проект, каде што претставниците на AVAX им ја презентираа реализацијата на градежните активности.

Им благодариме на колегите од ТИТАН Ефкарпија, ИНТЕРБЕТОН и AVAX за гостопримството и споделеното знаење.