Цементарница УСЈЕ активен учесник во Европската недела за намалување на отпадот

20.11.2017

Цементарница УСЈЕ активно се вклучи во Европската недела за управување со отпад, која се одржа во Скопје во периодот 20 – 24 ноември, 2017 година, организирана од Европската канцеларија во Република Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамки на Европската недела за намаување на отпадот, Цементарница УСЈЕ учествуваше во организацијата и презентациите на панел дискусијата „Од отпад до енергија - предизвици и можности" која се одржа на 21 ноември 2017, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и невладината организација „Гоу Грин“.

Главен фокус на панел дискусијата беше примената на технолошки решенија за третман на отпадот и негово користење како енергенс. Цементарница УСЈЕ ги презентираше можностите и потенцијалите на цементната индустрија за различно искористување на комуналниот отпад за добивање на енергија. Развојот на овој сегмент и искористувањето на отпадот како енергенс ќе овозможи трајно решавање на проблемот со отпадот и ќе придонесе за подобрување на еколошката слика, а истовремено ќе ја намали и енергетската зависност на земјата.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули го изрази своето очекување општините да покажат поголема заинтересираност за решенијата коишто постојат во насока на искористување на отпадот како потенцијален енергенс, со што ќе се оствари бенефит и трајно ќе се реши проблемот со депониите. На отварањето на панел дикусијата присуствуваше и Јаромир Левичек, раководител на оператива 1 во Делегацијата на ЕУ во Македонија. Тој го посочи фактот дека во државите од ЕУ се рециклира приближно 42% од отпадот, а целта е до 2030 година 65% од отпадот да биде рециклиран.

На 23. ноември беше оддржана и Меѓународната МаСВА Конференција за управување со отпад, на која Цементарница УСЈЕ учестуваше во работните групи на тема „Вмрежување на Македонија во светските трендови за управување со цврстиот отпад“. На конференцијата учествуваа техничкиот директор, Ефстатиос Политис и Менаџерот за животна средина, Наташа Бакреска-Кормушоска.

Придонесот кон заштитата на животната средина, како и подигањето на свеста за значењето на заштитата на животната средина претставуваат едни од основните приоритети на нашата Компанија и суштински дел од нашата корпоративна општествена одговорност.