Прв компаниски „Отворен ден“

15.9.2011

Цементарница Усје АД Скопје го органиизраше својот прв компаниски „Отворен ден“ на 15 септември 2011 под мотото „Одговорност-Партнерство-Развој“, а поттикнати од добивањето на А интегрирана еколошка дозвола за усогласување со оперативниот план. Оваа дозвола ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. На настанот беа поканети сите заинтересирани страни одблиску да ја запознаат компанијата и нејзините вработени. Повеќе од 5000 индивидуални покани беа испратени на граѓани, соседи, деловни партнери, соработници, претставници на општината, основните училишта и градинките, како и претставници на јавни институции. Отворениот ден беше најавен и преку масовните медиуми, кои и го проследија настанот.

Заложбите на Цементарница Усје АД Скопје беа поздравени од Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаким Адеми, кој присуствуваше на настанот и повикувајќи се на А интегрираната еколошка дозвола изјави: „Процесот за добивање на дозвола е долг и бара континуиран дијалог со министерството, заедницата и локалната самоуправа, како и спроведување на строги стандарди и процедури за заштита на животната средина. Примерот на Цементарница Усје АД Скопје се надевам ќе го следат и останатите македонски компании.“

Во оваа прилика, Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, го изрази своето задоволство од воспоставениот партнерски однос меѓу општината Кисела Вода и Цементарница Усје АД Скопје, како и од можноста да биде сведок на вистинско општествено одговорно однесување. Г-дин Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница Усје АД Скопје, истакна дека од 1998 година, компанијата инвестирала 62 милиони евра, од кои 42 милиони евра се директно инвестирани во унапредувањето на производството и заштитата на животната средина.

На „Отворениот ден“ присуствуваа повеќе од 900 лица. Посетителите имаа можност да го видат производствениот процес преку обиколка на фабриката, како и да добијат повеќе информации за активностите и целите на компанијата во областа на заштитата на животната средина, грижата за здравјето и безбедноста на вработените и партнерството со заедницата. Присутните граѓани, соседи, партнери, соработници, поминаа пријатни мигови во неформално дружење со вкусна храна и освежителни пијалоци, а најмладите се забавуваа во специјално подготвеното детско катче. Содржината на првиот компаниски „Отворен ден“ со музичка точка ја збогатија децата од Основното училиште „Партенија Зографски“ од Кисела Вода. Исто така, сите училишта од оваа општина помогнаа со свои цртежи за поставување на изложбата која за оваа прилика беше организирана во кругот на фабриката. По завршувањето на настанот, сите реквизити користени во детското катче ќе бидат донирани на една од градинките сместени во соседството на компанијата.

Организацијата на „Отворениот ден“ е една од активностите кои како одговорен партнер и член на заедницата, Цементарница Усје АД Скопје ги реализира за градење на континуиран дијалог со своите соседи, граѓаните, купувачите, добавувачите, соработниците и партнерите. Со овој настан, компанијата повторно даде позитивен пример за јакнење на врските со кои ќе се обезбеди одржлив развој на заедницата во целина.

Најголем дел од посетителите на „Отворениот ден“ (87%) го изразија своето задоволство од настанот и неговата организација, давајќи причина компанијата да се потруди тој да прерасне во традиција.