Посета на УСЈЕ во рамките на годинешната конференција на Европските мрежи на Глобалниот договор на ОН во Скопје

30.10.2014

Високи претставници на седиштето на Глобалниот договор на Обединетите нации од Њујорк и над триесет претставници на локалните мрежи од повеќе земји ја посетија Цементарница Усје АД Скопје, како пример на компанија која во целост ги почитува принципите на Глобалниот договор во своето работење. Дел од 36-члената делегација што ја посети компанијата беше и Валид Наги одговорен за локалните мрежи во седиштето на Глобалниот договор на ОН во Њујорк, како и одговорните на локалните мрежи на Глобалниот договор од повеќе од 20 земји.

Посетата на УСЈЕ е активност во рамките на годинешната конференција на Македонската мрежа на Глобалниот договор, а целта на посетата е едукација и споделување на искуства во процесот на целосно имплементирање на принципите на Глобалниот договор во секојдневното работење и нивно унапредување.

„УСЈЕ е една од компаниите која беше иницијатор за поголема примена и популаризација на принципите на Глобалниот договор помеѓу македонските компании и институции. Нашата искрена заложба не остана само на иницијатива, туку и преку низа активности покажавме дека УСЈЕ има искрени намери да ги имплементира овие заложби и да даде придонес кон развојот на заедницата во вистинска насока. УСЈЕ продолжува и во следниот период сите свои активности да ги реализира согласно овие принципи и да покажува дека развојот на компанијата и развојот на заедницата се тесно поврзани и се надополнуваат“, изјави Борис Хрисафов, Главен извршен директор на УСЈЕ.

На годинешната конференција на европските мрежи на Глобалниот договор на ОН која се одржува под мотото „Општествената одговорност – услов за конкурентен и одржлив развој“ беше потпишан и Меморандум за соработка со Националниот совет за претприемништво и конкурентност, во насока на создавање на потесна соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор, а со цел унапрдување на примената на принципите на Глобалниот договор и опшстествената одговорност. На конференцијата свое излагање имаше Марија Алексиу претставник на групацијата Титан од Грција и одговорна за локалната мрежа на Глобалниот договор во Грција.

Македонската мрежа на Глобалниот договор која годинава прославува десет години од своето делување, преку своите активности придонесе за поголема примена на принципите предвидени во Глобаниот договор. Глобалниот договор на ОН беше активиран во Македонија во 2004 година од страна на УНДП.