Со еден клик до податоците од мерењата за животната средина

16.9.2009

Преку интернет – страницата на Цементарница Усје Титан  Со еден клик до податоците од мерењата за животната средина

Месечните податоците од мерењата за влијанието врз животната средина кои досега се доставуваа до Министерството за животна средина и просторно планирање, сега ќе бидат и јавно објавувани на веб- страницата на Цементанрица Усје – Титан, со што стануваат достапни за јавноста 

Скопје, 16.09.2009 - Цементарница Усје – Титан, започнува со јавно објавување на податоците од независните мерења на параметри важни за животната средина, на својата веб- страница  www.usje.com.mk. Овие податоци ќе се објавуваат месечно, истовремно со нивното  доставувањето до Министерството за животна средина и просторно планирање, а во нив ќе има преглед на средно дневни концентрации, споредени со законски дозволените вредности. На овој начин сите податоци од мерењата , кои се однесуваат на животната средина ќе бидат достапни за пошироката јавност и граѓаните.

„Транспарентноста и општествената одговорност се едни од најважните елементи во работењето на Цементарница Усје – Титан. Во тој контекст, ние одлучивме да ги објавуваме податоците од мерењата на нашата интернет страница, со што тие стануваат јавно достапни, иако на тоа не не обврзува ниту еден закон ниту други подзаконски акти. Продолжуваме и понатаму да ја продлабочуваме соработката со локалната заедица и со релевантните институции во интерес на граѓаните. Во тек се подготовките на неколку проекти на локално и централно ниво„, вели Антони Николопулос, Главен извршен директор на Цементарница Усје. 

Цементарница Усје Титан за прв  пат во Македонија воведе  24 - часовен независен мониторинг со кој се мерат и регистрираат емисиите и нивното влијание врз животната средина, а на крајот на секој месец податоците се испраќаат во ресорното Министерство. Истовремено се вршат и дополнителни контролни мерења на податоци од животната средина од страна на реномирани независни лабаратории, како BDZ и ENCO.  Покрај овие мерни инструменти, во кругот на фабриката мерење врши и Градскиот завод за здравствена заштита, со што се овозможува компарација на податоците.

Цементарница Усје - Титан е во завршна фаза на имплементацијата на сите потребни услови за добивање на Интегрирана „А“ дозвола за животната средина, со план за усогласување, која е највисока потврда за почитување на еколошките стандарди согласно Директивите на Европската унија. За таа цел Цементарница Усје - Титан  е во постојана соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Голем дел од активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање се насочени кон почитување и имплементација на високите стандарди од животната средина во секојдневното работење на компаниите. Ние сме во постојана комуникација со сите компании и институции и дневно работиме на подобрување на состојбите на терен. Цементарница Усје е една од компаниите во Македонија која вложи напори во целосно имплементирање на стандардите кои произлегуваат од законите за заштита на животната средина. Министерството за животна средина и просторно планирање и понатаму продолжува да ги мониторира процесите и да гради партнерски односи со сите што земаат активно учество во заштитата на животната средина и повеќе од законските обврски“, рече Неџати Јакупи министер за животна средина и просторно планирање.

Паралелно Цементарница Усје – Титан го имплементираше ИСО 14001 стандардот уште во 2006-та година, кој гарантира заштита на животната средина и континуиран развој во таа насока. Од 1999 година досега, Цементанрица Усје има инвестирано над 54 милиони евра во заштита на животната средина и модернизација на производните процесите.

Овој нов систем на широка достапност на податоците од мерењата на емисии во животната средина, Цементарница Усје го воведува пред сè заради јакнење на довербата со своите сограѓани – жителите на општина Кисела Вода и пошироко.

„Јавното презентирање на податоците од мерењата за животната средина е огромна придобивка на граѓаните, што за оптштината Кисела Вода е еден од најголемите приоритети.  Ние сме задоволни од одлуката Цементарница Усје Титан овие податоци да ги направи јавно достапни  за сите граѓани, со што тие ќе можат сами да се уверат дали работењето на компанијата е согласно законските прописи „, истакна Марјан Ѓорчев, градоначалник на општината Кисела Вода.  

Во рамките на соработката помеѓу општината и Цементарница Усје предвидени се проекти за санација на Усјанскиот канал во с. Усје, средување на училишните дворови, изградба на плоштад во општината и реализација на нова програма за здравје и безбедност во основните училишта во општината Кисела Вода.

Освен податоците од мерењата на параметри важни за квалитетот на животната средина, на веб- страницата на Цементарница Усје – Титан граѓаните ќе можат да добијат и информации за компанијата, производите, вработените, како и линкови до други институции, но и да постават прашања од најразличен вид, на што ќе добијат одговор од релевантните лица од компанијата.