Соработка со студентската асоцијација ESTIEM како дел од политиката на УСЈЕ за поддршка на образованието

14.5.2010

Од почетокот на своето постоење, Цементарница УСЈЕ АД Скопје работи со почит кон луѓето, општеството и животната средина, а како дел од Групацијата ТИТАН, УСЈЕ усвои нов приод кон социјалната политика кој се заснова на сопственото know-how и ресурси. Образованието е една од областите врз кои се фокусирани нашите заложби за придонес кон заедницата и општеството како целина.
Оттаму, произлегува и соработката со Универзитетите во земјата, како и студентите и студентските асоцијацијации.

Како резултат на таквата соработка со Машинскиот факултет во Скопје, Цементарница УСЈЕ АД Скопје финансиски ја поддржа серијата активности наречени Company Case Show каде неколку компании од македонската индустрија имаа можност да учествуваат и добијат идејни решенија за однапред дефинирани проблеми од своето работење.
Имено, во соработка со студентската асоцијација  ESTIEM (European Students of Industrial Engineering & Management) Local Group Skopje беа формирани повеќе работни групи за анализирање на проблемот, пронаоѓање на најоптимално решение и подготовка на презентација.

Сите четири групи кои беа вклучени во изнаоѓање решение за проблемот на УСЈЕ навистина покажаа големо интересирање и нивните решенија беа иновативни, но во истовреме и на доста професионално ниво. Теоретските алатки како АБЦ методата, КАНБАН методата и слично беа вградени во практични решенија. Студентите направија и прекрасна презентација која беше целосно на aнглиски јазик и која создаваше впечаток на веќе подготвени млади професионални кадри. Решенијата би можело да добијат своја иднина преку нивно комбинирање и практична апликација во Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Цементарница УСЈЕ АД Скопје, како дел од својата општествена одговорност, ќе ја продолжи соработката со студентите и студентските организации од земјата и во иднина.