УСЈЕ по втор пат дел од глобалната иницијатива „Час на планетата Земја“ – еден час без енергија

04.4.2011

Заштеда на енергија за заштита на животната средина

И оваа година, во знак на поддршка на глобалната иницијатива „Часот на планетата Земја“, Цементарница УСЈЕ АД Скопје, одлучи во времетраење од еден час да ги исклучи мелниците за цемент, како и дел од осветлувањето во фабриката. Исклучувањето на напојувањето со електрична енергија се случи на 26. март (сабота) од 20:30 до 21:30 часот, кога во целиот свет поддржувачите и учесниците во оваа симболична глобална акција го сторија истото.

„Прифаќањето на оваа глобална иницијатива во УСЈЕ е целосно во согласност со нашите определби за унапредување на животната средина. Со вакви акции се испраќа силна порака дека е возможно да се преземат конкретни мерки против глобалното затоплување. И во следниот период, на различни начини, ќе продолжиме да го даваме својот активен придонес за заштита на животната средина“, истакна Борис Хрисафов, Главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

Истовремено со мелниците за цемент, Компанијата го исклучи и напојувањето со електрична енергија и во останатите погони, каде што тоа го дозволуваат безбедносните мерки за заштита при работа. Со едночасовното исклучување на погоните, УСЈЕ заштеди 10 MW/h електрична енергија, колку што изнесува производстството на хироелектричната централа „Матка“ во времетраење од 3 часа. Со заштедата на електрична енергија од исклучувањето на мелниците во УСЈЕ, може да се покрие вкупната потрошувачката на над 3000 домаќинства во Скопје.